Автор: Дарко Тодоровски

Во обидот да остане на власт и да се спаси од судски постапки и долги затворски казни автократот Груевски го Помина Рубикон. После немилите настани во македонското собрание враќање назад нема, за тоа е свесен и самиот Груевски, организаторот на црното сценарио во македонскиот парламент. Тоа беше финалето на политичката криза во Македонија која со прекини и паузи траеше од 2011 година. Тоа е и крај на политичката кариера на Никола Груевски. Политичка криза во која што двете најголеми политички партии во Македонија беа во еден вид на тивка војна, која што се закануваше да премине во отворен конфликт, но поради смиреноста, а и мудрите потези на Зоран Заев кој што не дозволи Македонија да падне во црните сценарија на Груевски и ВМРО ДПМНЕ конфликтот беше избегнат.

Ако во минатото важеше дека Груевски влече прагматични потези и паметно играше на картата време, вечерта на 27/05 тој самиот се матираше. Немилите настани и сцени од македонското собрание, храмот на демократијата, каде што приврзаниците/симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ, меѓу кои што имаше уфрлено и луѓе од МВР-министерството за внатрешни работи, специјалните полициски единици, инспектори од тајната служба (УБК), припадници на АРМ (Армија на Република Македонија), од кои многумина со фантомки на главите, како и припадници на различни “патриотски” организации и движења кои што имаа наредба и единствена цел, да го линчуваат лидерот на СДСМ Зоран Заев, заедно со уште неколку пратеници од СДСМ и пратеници од албанските партии. Досега се приведени 28 насилници, кои што учествуваа во обидот за лунчување на пратениците, а во следните денови таа бројка се очекува да се зголеми. Се очекуваат и обвиненија против организаторите на протестот, нарачателите и главните мозоци на немирите. На неколку пратеници од ВМРО ДПМНЕ им се закануваат затворски казни поради отварањето на вратите на собранието и издавањето на наредби и насочувањето на насилниците кон просториите каде што се наоѓале пратениците на СДСМ и албанските пратеници.

Се што ВМРО ДПМНЕ успеа да добие преку протестите кои што траеја 60 дена, и играњето на картата на национализмот и против албанците во Македонија успеа да го изгуби за еден ден, поточно на 27/05 2017 година. После немилите сцени од македонското собрание следуваше силна осуда од ЕУ, пред се од Германија и Австрија, кои во минатото важеа за сојузници на ВМРО ДПМНЕ, осуда од страна на други европски држави, САД и од страна на ООН. Следуваа изјави од европски дипломати и политичари без дипломатски ракавици, каде што како главен кривец за настаните во македонското собрание беше означен Груевски и ВМРО ДПМНЕ. САД настапи со познатата “Булдожер дипломатија“. Во Македонија беше испратен заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Хојт Брајан Ји, кој што имаше средби со државниот врв на Македонија и со политичките лидери. После средбите на Хојт Ји со државниот врв на Македонија и со политичките лидери се откочи процесот во Македонија, и ВМРО ДПМНЕ се согласи да оди во опозиција без некои посериозни опструкции.

Изборот на пратеникот со албанско потекло Талат Џафери за претседател на македонското собрание, беше признато и поздравено од ЕУ, САД како и од многу држави. Талат Џафери како претседател на собранието веќе имаше состаноци со Хојт Ји, како и со Еврокомесарот Хан и со други представници во Брисел. Џафери исто така достави барање до претседателот Иванов за давање на мандадот за формирање на влада на Зоран Заев, зад кого што стојат 69 пратеници од 120 во македонското собрание. Но Талат Џафери успеа да направи два гафа, тој во својот кабинет покрај македонското знаме постави и 2 минијатурни албански знамиња, и даде изјава дека дел од седниците на парламентот ќе ги води и на албански јазик, и овие потези само ја подгреваат и онака кревката ситуација во Македонија. Во наредните десетина дена ќе се избере новата влада на Република Македонија на чело со Зоран Заев. Истиот тој пред претседателот на Република Македонија ќе достави гаранции дека Македонија и понатаму ќе остане унитарна држава, по што повеќе ќе нема пречки за давање на мандадот на Зоран Заев.

Новиот премиер и новата влада во наредниот период ќе биде соочена со демонтирање на режимот на Груевски, департизација на државните институции, темелна реформа на безбедносните структури кои во изминатиот период служеа како истурен играч на ВМРО ДПМНЕ, реформи и демонтирање на судскиот систем, итен ребаланс на буџетот, економски реформи, спроведување на реформите на Прибе, можноста за вон-инстутиционално делување на ВМРО ДПМНЕ, но она што е најважно, ќе мора да работи за помирување и подавање на рака помеѓу граѓаните во Република Македонија, без разлика на нивната политичка, етничка и верска основа. Во најновото свое интервју Зоран Заев изјави дека „Јас сум православен христијанин, верник, и најголемото простување во мојата вера, а верувам тоа е така и во муслиманската и во католичката, е да му се прости на непријателот. Ние имаме политички непријател, други немаме. Тоа апсолутно значи дека секој ќе оди на суд и ќе си понесе одговорност, но мораме меѓусебно да си ја испратиме пораката за простување ако сакаме да соработуваме“, вели Заев.

Груевски, како и неговите најблиски соработници завршија со политиката, и во иднина ги очекуваат безброј судски рочишта и долгогодишни затворски казни. Против нив се покренати неколку обвиненија за криминал, корупција, непотизам, кршење на законите и уставот на Македонија а има индиции и докази и за нови обвиненија. Доколку ВМРО ДПМНЕ не успее да се ослободи од Груевски и од неговите соработници, на партијата во иднина и се заканува поделби и исчезнување од политичката сцена во Македонија.

Зоран Заев и неговата влада во иднина ќе уживаат подршка од сите граѓани во Република Македонија, и тие имаат можност да останат запомнети како влада која што работела за интересите на сите граѓани во Македонија, без разлика на нивната партиска, етничка и верска припадност. Од нив зависи дали ќе ја оправдаат довербата на граѓаните или не. Но едно е сигурно, Македонија во иднина ја чекаат подобри времиња но и сериозни предизвици на патот кон членството во ЕУ и НАТО.

СветланаБизнесАвтор: Дарко Тодоровски Во обидот да остане на власт и да се спаси од судски постапки и долги затворски казни автократот Груевски го Помина Рубикон. После немилите настани во македонското собрание враќање назад нема, за тоа е свесен и самиот Груевски, организаторот на црното сценарио во македонскиот парламент. Тоа беше...Новости Македонии