Автор: Дарко Тодоровски

Дали Гордиевиот јазол во Сирија конечно ќе биде пресечен и ќе биде ставен крај на шестгодишната крвава граѓанска војна? Дали е повидок договор и компромис помеѓу Русија и САД во прв план, а потоа и помеѓу регионалните сили во однос на понатамошната судбина на Сирија?

Исходот на преговорите помеѓу Путин и Трамп го навестуват сето тоа, дека Сирија е чекор поблиску до завршување на шестгодишната граѓанска војна. Сирија е најдобар доказ дека кога се во прашање заедничките интереси, двете големи држави можат да најдат заеднички јазик и да се договорат.
За време на состанокот на Путин и Трамп на самитот на Г-20 во Хамбург беше договорен суштински прогрес кога е во прашање судбината на Сирија. Исходот од состанокот експертите го означија како Договор №3 кога е во прашање Сирија и нејзината иднина. Овој договор е само продолжување на договорот кој што беше постигнат помеѓу Кери и Лавров, и на договорот од Астана, односно представува негово проширување и надоградување, како резултат на промените на воената карта на Сирија. Договорено е прекинот на огнот да се прошири и на југот на Сирија, поточно во реонот на градот Дераа, Сувеида и во реонот Кунетеира, и она најважното, судбината на Асад и неговото остануање на власт во Сирија не е повеќе предмет на преговори, Трамп и новата администрација во Вашингтон немаат ништо против останувањето на Асад на власт во Сирија. САД ја превзема врз себе обврската за почитување на договорот од страна на редовите на сириската опозиција и на другите вооружени групи на југот на Сирија, исто така и почитување на договорот од страна на Јордан и Израел. Русија врзе себе ја превзема обврската за почитување на прекинот на огнот од страна на сириските власти, и за таа цел Русија ќе распореди воена полиција на југот на Сирија, која што треба да биде буфер на линијата на огнот. Прекинот на огнот во Сирија во најголем дел се почитува, и Сирија е на добар пат да и стави крај на 6-годишната крвава граѓанска војна, во која што се вмешани сите големи држави во светот, како и сите регионални играчи на Блискиот Исток.

А пред 2 години Сирија беше на прагот на распад. Летото 2015 година во Москва тајно престојуваше Генералот на АЛ Кудс, специјалните ирански единици во состав на КСИР (Исламски Револуционерен Корпус) Касан Сулејмани, на Запад познат како “Црниот Рицар”, една од највлијателните и таинствени личности на Блискиот Исток. Во Москва тој престојуваше заедно со своите офицери, и офицери од сириската армија. Тие пред рускиот државен и воен врв ја презентираа ситуацијата на терен во Сирија, и својот доклад го завршија со зборовите дека сириската армија е на прагот на воен пораз и распад, и дека на Сирија и се заканува распад доколку Русија не се вмеша во Сирија. По средбата, Сирија упати официјално барање до Русија за воена помош врз основа на Договорот за пријателство и соработка потпишан помеѓу СССР и Сирија во 1980 година, по што Русија позитивно одговори на барањето на Сирија, и од септември 2015 година започна Руската воена интервенција во Сирија во согласност со уставот на ООН. Само 2 години подоцна, сириската армија е на прагот на воена победа и против ИСИЛ, Ал Нусра а и против останатите терористички групи и сето тоа благодарејќи на Русија и на руската воена машинерија и на руската дипломатија, која што успеа во 2013 година благодарејќи на вештината на руската дипломатија и на претседателот Путин да ја спречи воената интервенција на САД и НАТО во Сирија како резултат на обвинувањата на САД, на дел од западните држави и на заливските монархии за наводна употреба на хемиско оружје од страна на сириската армија. Планот на претседателот Путин за уништување на сириското хемиско оружје беше прифатен и одобрен и од САД и од другите држави вклучени во војната во Сирија, и сириското хемиско оружје беше изнесено од Сирија и уништено. Русија заедно со Кина блокираше безброј проект резолуции и резолуции против Сирија во Советото за Безбедност на ООН и на тој начин го спречија хаосот и распадот на Сирија по либиско сценарио.

Во Сирија на дело се виде целата моќ и мастерство на руската воена школа, мисла и машинерија.

Русија успеа со ограничен воен контингент од около 50 борбени авиони, дронови и хеликоптери на стартот на воената операција стационирани на воениот аеродром Хамнеи во Латакија, и со ограничен копнен контингент составен од специјални единици, инструктори да го смени текот на војната во Сирија и да ја доведе сириската армија пред воена и политичка победа. Руската воена машинерија успеа од сириската армија која што беше обичен “Тигар на хартија”, а во реалноста беше неподвижна громадна армија во распаѓање, обучена за конвенционално војување, која што не беше во можност да одговори на модерните текови и на контра-терористичката војна и герилски начин на војување, да ја претвори во подвижна и обучена армија способна да спроведува контра-терористички операции во урбаните населени места, и да спроведува офанзивни оперативни операции на отворен простор на огромни површни со користење на сите видови на копнени единици.

Сирија е најдобар доказ дека Русија со ограничени ресурси успеа да оствари огромен резултат и дивиденда, и доколку до само пред 2 години Русија беше маргинален играч на Блискиот Исток, како резултат на успехот на Русија во Сирија, Русија денес е клучен играч на Блискиот Исток, и тоа представува враќање на Русија на Голема врата во тој важен регион, од кој што Русија се повлече во 1991 година по распадот на СССР. Русија успешно го искористи и го пополни вакумот на Блискиот Исток кој што настана по неуспехот и повлекувањето на САД од Ирак, неуспешната американска надворешна политика на Блискиот Исток и неуспехот на Арапската пролет. Русија и руската дипломатија покажаа дека со минимални средства и правилна тактика и стратегија можат да се остварат големи резултати. Русија од почетокот на воената операција во Сирија, а и претходно успешно ги менаџираше и балансираше односите со сите држави кои на некој начин се вклучени во војната во Сирија. Русија и Турција беа на работ на војна, а денес Русија успеа да ја придобие Турција на своја страна, и заедно со Иран денес тие се гаранти за примирјето во Сирија. Русија исто така успешно ги менаџираше односите и помеѓу Иран и Израел, и не дозволи поголеми инциденти на југот на Сирија помеѓу израелската армија од една страна и сириската армија, Хезболах и иранските воени единици од друга страна. Русија во следниот период ќе треба преку дипломатските канали да ја доведе војната во Сирија до завршеток, и да ја ефектуира политички и економски на долг рок, преку ширење на своето политичко, економско и воено присуство и влијание во регионот.

Сегашната ситуација во Сирија на некој начин им овозможува на сите вклучени страни да бидат задоволни. Асад и неговото опкружување со помош на Русија, Иран, Ирак, Хезболах, Либан, а во последно време Турција и Египет, успеа да се одржи и да ја зачува власта, сириската демократска опозиција како и дел од воените групи кои на време излегоа од терористичките групи, со помош на САД, Саудиска Арабија, Катар, Јордан,Турција, Бахраин, ОАЕ, успееја да ги зачуваат териториите и власта во провинцијата Идлиб и на дел од границата со Турција, како и на југот на Сирија, во провинцијата Дераа и на границите со Израел и Јордан. Курдите уште на почетокот на граѓанската војна во Сирија добија автономија, и со огромна помош и на Русија и на САД, успееја на северот на Сирија да создадат свои органи на власт, и да ослободат голем дел на северот на Сирија од ИСИЛ. Но она што е проблематично за Курдите е тоа што голем дел од таа територија е населен со Сунити, и Турција, а во последно време и Дамаск, и Иран настојуваат Курдите да се повлечат од териториите каде што живеат сунитите во Сирија. По воената победа над ИСИЛ во Сирија и во Ирак, останува да видиме дали Курдите ќе се задоволат со автономија во двете држави, или ќе пробаат вековниот сон за своја држава да го претворат во реалност. Но ниту Турција, Ирак, Иран и Сирија, каде што живеат Курди се подготвени да се откажат од дел од своите територии со цел создавање на Курдистан, а ниту Русија, САД и другите големи сили се подготвени да го подржат или помогнат создавањето на Курдистан, тоа не одговара на нивните интереси на Блискиот Исток.
Воената победа над ИСИЛ е на повидок, и по завршувањето на воените дејства и Русија и САД ќе прогласат воена победа, дека со заеднички напори и сили го победиле злото, и дека Блискиот Исток е спасен. Но доколку сакаат Блискиот Исток, и пред се Сирија и Ирак да бидат нормални држави, и Русија и САД, во договор со регионалните сили и со Европа, ќе мора да го помогнат градењето на државните институции во Сирија и Ирак, враќањето на довербата во институциите, и економски да ја помогнат обновата на Ирак и Сирија, за која што се проценува дека ќе бидат потребни повеќе од 150 милијарди долари. Ќе мора да помогнат за подигнување на економскиот стандард на населението, и за надминување на верските разлики и проблеми, доколку не сакаат во блиска иднина да им се повтори ситуацијата со ИСИЛ.
Либија, Афганистан и Ирак после 2003 година се најдобар пример за тоа, каде што воените интервенции имаа краткосрочен ефект и не ги дадоа очекуваните резултати. Без долгорочни одржливи стратегии во кои што ќе бидат вклучени сите страни не е можно на Блискиот Исток да има мир. Воените операции на Русија и на САД со сојузниците го дадоа својот резултат, сега е време дипломатијата и економијата да го дадат својот резултат на Блискиот Исток.

http://macedoniatoday.ru/wp-content/uploads/2017/07/147560882267540.jpghttp://macedoniatoday.ru/wp-content/uploads/2017/07/147560882267540-150x150.jpgСветланаКомментарии и анализБлискиот Исток,ИСИЛ,САД,СиријаАвтор: Дарко Тодоровски Дали Гордиевиот јазол во Сирија конечно ќе биде пресечен и ќе биде ставен крај на шестгодишната крвава граѓанска војна? Дали е повидок договор и компромис помеѓу Русија и САД во прв план, а потоа и помеѓу регионалните сили во однос на понатамошната судбина на Сирија? Исходот на преговорите...Новости Македонии